Општина Гевгелија ги презема сите превентивни мерки за спречување на заразата со коронавирусот

Во сите воспитно-образовни институции во општина Гевгелија, како и во Општинската администрација, преземени се заштитни мерки за спречување и сузбивање на заразните болести, пред се, појавата на Корона вирус и во нашата земја, согласно упатството на Министерството за образование и наука.

Имено, во сите училишта и детски градинки се врши дезинфекција на инвентарот, поставени се основни средства како течни сапуни и антибактериски гелови за одржување на личната хигиена на учениците и вработените.

Во сите училишта, денес, беше одржан едукативен час за превенција од Корона вирусот, а тоа значи почесто миење на рацете и преземање на превентивни мерки за лична хигиена, согласно препораките на Светската здравствена организација.

По препорака на Министерството за образование и наука во сите училишта се спроведуваат анкети меѓу вработените, учениците и студентите, дали во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во следните земји и региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг-Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореја, Сингапур и Тајван. Доколку има такви лица, потребно е од наредните две недели, почнувајќи од денес, 27 февруари, истите да бидат ослободени и да не доаѓаат на работа и настава.

Министерството за образование и наука ги задолжи Основните и Средните училишта, како и Универзитетите и Јавните научни установи, да ги одложат сите планирани патувања и екскурзии во Италија. Истовремено, апелира континуирано да се следат насоките и препораките од Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Владата на Република Северна Македонија.


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

24Gevgelija.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај 24Gevgelija.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.SR, Valandovo.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.