Градоначалникот Поцков во посета на домот на првото новороденче во општина Гевгелија

Втората принова во семејството Камчеви е првото новороденче во 2020 година во Општина Гевгелија, а тоа е Василија Камчева од Моин.

Имено, младата брачна двојка Драгица и Перо Камчеви добија ќерка на 1-ви јануари годинава.

Среќната мајка се породила на 1. јануари 2020 година во 17.40 часот во Општата болница во Струмица и родила женско дете со тежина од 3.150 грама и 51 сантиметар должина

Градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков денес ги посети среќните родители Драгица и Перо Камчеви во нивниот дом во Моин и притоа на новородената Василија и подари чек од 10.000 денари.

Исто така, на новороденчето му подари пакет со бебешка козметика и храна, изразуваќи желби, малата Василија да има среќно и безгрижно детство и да донесе многу радости на нејзините родители.

Инаку, ова е второ дете на Перо и Драгица Камчеви, а првиот син Душан, исто така, беше првото новородено дете во 2017 година.

Општина Гевгелија, покрај наградата за првото новородено дете во годината, на сите новороденчиња им исплаќа ваучери. Така, минатата година биле исплатени 194 ваучери за секое новородено бебе, како и за третото родено дете. За секое новородено бебе се исплаќаат по 6.000 денари, додека за третородено дете се исплаќаат по 12.000 денари.


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

24Gevgelija.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај 24Gevgelija.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.SR, Valandovo.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.