Општина Гевгелија набави сопствена опрема за зимско одржување на улиците и локалните патишта

ЈПКД„Комуналец“ од Гевгелија, согласно програмата што ја усвои Советот на Општина Гевгелија на последната седница, поведе постапка и ја набави потребната опрема за расчистување на улиците и локалните патишта во случај на врнежи од снег.

-Со набавената зимска опрема од страна на ЈПКД„Комуналец“ општината е целосно оспособена за самостојно одржување на улиците и локалните патишта во зимски услови. Досега тоа го правевме преку ангажирање на надворешни фирми, кои поседуваат ваква опрема, а кои ги ангажиравме по објавениот јавен повик. Со набавката на сопствена опрема ќе бидат заштедени значителни средства, но, истовремено ќе се обезбеди понавремена и поефикасна заштита, бидејќи опремата се наоѓа во кругот на ЈПКД„Комуналец“, истакна градоначалникот Сашо Поцков, нагласувајќи дека веќе е набавена и сол, така што се направени сите неопходни подготовки за дејствување во зимски услови.

-По распишаниот јавен повик и изборот на најповолната понуда набавени се една соларка и три даски, односно плугови за расчистување на снегот. Во случај на потреба двете даски ќе бидат прикачени на двата трактори, а една на скипот. Вредноста на набавената опрема изнесува 1 милион денари, а истата е набавена со сопствени средства. Со набавената зимска опрема јавното комунално претпријатие се оспособува за дејствување и во зимски услови, што не беше случај досега, бидејќи комуналните работници во случај на врнежи од снег и голомразица дејствуваа рачно или со несоодветна опрема, вели директорот на ЈПКД„Комуналец“ Златко Зумров.


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

24Gevgelija.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај 24Gevgelija.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.SR, Valandovo.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.