Новогодишен концерт на ансамблот „Бојмија“ – Хуманоста нема граници

Хуманоста нема граници – тоа е впечатокот од синоќешниот хуманитарен концерт на ансамблот „Бојмија“ во Народниот театар во Гевгелија. Во прв ред, поради настапот на децата со посебни потреби од центарот „Мајка Тереза“, кои заедно со членовите на „Бојмија“ го заиграа „Вие се оро македонско“. Секако и поради настапот на младиот Ѓорѓе, кој придружуван со својот тапан ја отпеа „Мајка на Марика думаше“.

Бројната публика, но и претседателот на ансамблот, Игор Илиевски беа изненадени од музикалноста на децата со посебни потреби, и од фактот колку тие деца имаат слух за пеење и играње. „Имавме, рече тој, многу проби со нив, во нивниот центар, а колку се тие успешни, видовте и на самиот концерт“

Отец Димитар Ташев, од центарот „Мајка Тереза“ изрази голема благодарност до ансамблот „Бојмија“ што ги вклучи децата со посебни потреби во својот концерт. „Нема поголема радост, истакна тој, за овие деца кои и покрај својот хендикеп поседуваат голема дарба, но и потреба за играње и пеење“.

На традиционалниот новогодишен хуманитарен концерт ансамблот „Бојмија“ се покажа воп вистинско светло. Фолклористите од сите генерации ги изведоа ората и песните Преспански игри, Егејски игри, Осоговка, Биљана платно белеше, Беломорски бисер, Игри од Источна Македонија, Водарки, Калајџиско, Пијанец и Огреала месечина-Излегу мамо да се рашета.

„Бојмија“ годината ја заврши со прекрасен хуманитарен концерт, насловен како „Заедно сме посилни“, кој се одржа во соработка со ЈОУ Пинерски Дом и Центарот „Мајка Тереза“, а е поддржан од Министерството за култура и Општина Гевгелија,

Додека на сцената на Народниот театар се одвиваше концертот, во холот беше поставена продажна изложба на предмети изработени од децата од „Мајка Тереза“ и од Дневниот центар за посебни потреби од Гевгелија. Собраните средства од влезниците и продажната изложба се наменети токму за потребите на децата со посебни потреби од општина Гевгелија.

Извор: О. Гевгелија


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

24Gevgelija.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај 24Gevgelija.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.SR, Valandovo.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.