Општина Гевгелија ќе донира 400.000 денари за санација на опожарената зграда

Советничката група на СДСМ со коалиционите партнери побара дополнување на дневниот ред на претстојната 30.седница на Советот на оппштина Гевгелија со Предлог-Одлука за исплата на финансиски средства за санирање на опожарената зграда на улица „Ристо Чавдаров“ во Гевгелија.

Со одлуката се предлага од општинскиот буџет да бидат издвоени 400.000 денари за реконструкција на покривот и опожарените станови од пожарот што ја зафати оваа колективна зграда на 30 јули годинава.

Во пожарот беа целосно уништени 6 стана во сопственост, од кои 4 во сопственост на физички лица, а 2 во сопственост на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор. Поточно, пожарот го уништи целиот станбен простор на шесттиот кат од зградата, во вкупна површина од 298 метри квадрати со сета покуќнина и опрема.

Веднаш по пожарот, општина Гевгелија обезбеди првична парична помош, во висина на едномесечна просечна плата, за оштетените семејства, организираше сместување на станарите кои останаа без покрив над главата, како и акција за расчистување на оштетениот станбен простор и зграда.

Покрај ова, беа организирани неколку работни акции за расчистување на изгорениот материјал, како и хуманитарна акција за собирање на парична помош. По донесената одлука за страна на Советот на општина Гевгелија, средствата во висина од 400.000 денари ќе бидат префрлени на сметката на Здружението на оштетените граѓани од пожарот со посебна намена. Односно, да бидат искористени за санација на покривот и становите на опожарената зграда.


⚠ Преземањето авторски текстови и фотографии е дозволено единствено доколку се почитуваат принципите за фер користење на содржина или со претходна дозвола од медиумот.

24Gevgelija.mk е дел од 034 Медија Груп. Покрај 24Gevgelija.mk групацијата е издавач и на онлајн медиумите Vesti.SR, Valandovo.mk, Bogdanci.mk, 24Dojran.mk и Radovis.mk.